Производителите на пченица бараат поддршка од државата во спротивно вгодина ќе се останело без лебно жито. Ова го изјави Мемет Синани од Националната федерација на фармери , кој нагласи дека земјоделието е во криза во континуитет што поради глобалното затоплување и климатските промени чие влијание посебно се евидентирало последните години, а што од Руската воена агресија во Украина.
– Најголем проблем имаме со нафтата и со ѓубривата. Има донесено некои мерки но ефектите од нив ќе ги согледаме во иднина. Бараме да се врши откуп за државните стокови резерви за да ни се помогне. Според пресметките во моментов, производителите на пченица, еден килограм пченица од орање на нивите до носење во млиновите ги чини од 22-23 денари. Ако немаме поддршка од државата вгодина нема да имаме пченица, вели Мемет Синани од Националната федерација на фармери.
Земјоделците се исплашени зашто во континуитет влегуваме од криза во криза, од климатски промени, преку пандемија и енергетска криза до војна во Украина. Жално е што цената на репроматеријалите премногу варира од ден на ден а веќе некои традиционални пазари во регионот се затвораат, вели Васка Мојсовска претседател на Националната федерација на фармери која денеска го одржува своето годишно собрание. Средствата од интервентниот фонд и мерките што ги донесе Владата помагаат во еден дел но за аграрот треба да се направи уште повеќе и сите заедно да се усогласиме околу тоа дека храната ни е број 1.
– Во моментов сме исплашени каде ќе ги продаваме грозјето и јаболката, бидејќи најмногу ги продававме во Русија и во Украина. Сега тој пазар ни се затвори. Затоа ни треба поддршка за барање на алтернативни пазари.Од друга страна покрај покачувањето на репроматеријалите, ќе се покачи и работната рака на надничарите кои и ги нема. Ние работиме огромни земјоделски површини и како семејство не можеме да ги сработиме, и затоа земаме сезонци кои покрај тоа што ги нема сега и ќе бидат поскапи, што сето заедно влијае на цената на финалниот продукт, вели Мојсовска.
Потребна ни е национална стратегија за производство на храна за наредните 20-30 години, без тоа не можеме ни младите да ги задржиме тука ако знаат дека производството на храна нема никаква организација, заклучува претседателката на Националната федерација на фармери.
(М.Т.)