На Пустец му приличи името. Господ не бил така дарежлив кон регионот на мала Преспа за разлика од другата страна на езерото, кај нас во Македонија. Камен и сува земја црвеница тешко погодна за одгледување на некоја земјоделска култура. Во региoнот одам првпат по 1993 кога како млад новинар во А1 правев една репортажа за Мала Преспа и Македонците во Албанија. Патот од 20 тина километри од граница до селото кој тогаш го возевме со Лада Нива за еден саат сега е асфалтиран и се вози за многу пократко време.
Августовско вторничко пладне. Сред село раздвижено. Тука е седиштето на општината Пустец во чија надлежност се осумте села во регионот на Мала Преспа во кој живеат околу 3000 лица. Во околината трошни куќи од камен и керпич и по некоја нова градби во „модерни“ бои која ги отсликуваа растечките социјални разлики во селото. Во тек е изградба на нова црква, а се множат и угостителските објекти во кои се служи преспански крап атрактивен за многу гости од Корча и Тирана. За жал, објектите на средното училиште и здравствениот дом изградени во времето на Енвер Хоџа и кои, патем, се единствени во целиот регион, оставени се да ги гризе забот на времето.
Класните разлики се и највидливи на пладне на сред село. Кој го води говедото на пасење, кој со магарето пренесува сено, а други, пак, со голфови и мерцедеси си ја бркаат секојдневната работа. Впечатливи се многуте бугарски регистарски таблички на старите возила.
Гласачи купени со здравствено осигурување
Младите луѓе малку ги има. Моите новостекнати пријатели во ова село ми велат дека помладите се на работа, најмногу во Грција, а ги има и оние кои работат кај нас низ Македонија, воглавно ѕидари. Во селото нема многу извори на приходи. Семејствата се издржуваат со сточарство,колку за млеко и месо да се има в текот на годината. Во каменот и црвеницата успеваат и по некој патлиџан и краставица, исто така колку за домашни потреби. Кешот доаѓа од странство, Грција и Македонија.
Македонците од Мала Преспа во овие две земји со мака и многу вложен труд заслужено си добија имиџ на чесни, вредни и вешти ѕидари со чија работа се обновија многу куќи од камен во македонскиот дел на Преспа во традиционален стил.
„Заработуваме добро не се жалиме иако понекогаш имаме домаќини кои ќе не искористат, а потоа не ни плаќаат, велат моите нови пријатели кои толку многу се одомаќинија во Македонија што го прифатија и стравот и самоцензурата, па веднаш штом ме познаа како новинар на покојна А1 си побараа да бидат анонимни.
Со нив разговарав и на актуелни теми, се разбира како она за нивниот гласачки ангажман во Македонија. Велат дека им е криво што кон нив се создаде таков анимозитет во општина Центар.
„Се снаоѓаме за живот како знаеме,ги користиме сите можности. Голем процент од населението на Пустец како и другите села во овој регион има лични карти со адреси во општина Центар, Ресен и Кичево. Таму и гласат во еден круг и по на две места“, вели мојот пријател.
Тој ми ја покажа и неговата тазе лична карта со адреса на Стале Попов во општина Центар. Вели му ја понудиле, па зошто да ја одбие кога таа му носи и здравствено осигурување. Сега си има свој матичен лекар, па тој и неговото семејство непречено се лекуваат во Ресен.
„Многу е подобро здравството од колку кај нас“, вели тој додавајќи дека така прават многу негови соселани.
Покрај македонскиот пасош и лична карта, многумина од нив имаат и бугарски пасоши. Бугарските пасоши сега ни вршат голема работа. Со нив непречено одиме во Грција, па и други земји членки на ЕУ а корисни се затоа што оттаму си купуваме коли вели мојот нов пријател кој вози голф со бугарски регистерски таблички.
Се разбира дека мене ме интересираше системот на гласањето низ Македонија. Пријателот ми вели дека нема тука што да се крие. Им даваат по 1000, 1500 денари за гласање. Тој и жена му, на пример, од три круга гласање во Центар заработиле 150 евра што е сосема пристојна сума за тамошните услови.
На последните предвремени парламентарни и редовни претседателски избори се гласало во Тирана. Три автобуси од селото биле на гласање.
„Гласам заради парите, но морам да кажам дека многумина од нас го сакаат вистински ВМРО. Од како се тие на власт многу ни е поедноставно и минувањето на границата, и работењето во Македонија не оставаат на раат што не беше случај со власта на СДСМ“, вели тој додавајќи дека сега здравственото осигурување за нив е огромен бенефит.
„Има и такви кои гласаат затоа што се плашат дека ќе ги изгубат привилегиите со здравственото осигурување. Има многу од селаните кои се лечеле во костозглобната во Охрид“.
Пустечани импресионирани од „организацијата“ за гласање во Центар
Организацијата на гласањето била совршена, ми вели другарот. Од селата се транспортирани со автобуси до аеродромот Александар Велики, а од таму во коли до гласачките места. Во автобусите по пат постарите лица биле учени што треба да кажат, а потоа и испрашувани што запаметиле. Фразата која морала да се знае за да се одбранат од новинарите била „тука живееме и немаш право друго да ме прашуваш“. Некои од постарите и помалку писмените потешко учеле, па како што сведочат и видеата објавени на медиумите им се испуштало да кажат и од каде се навистина. Пријателот ми беше видно импресиониран од организацијата што им давала и чувство на безбедност.
„Кога доаѓавме кон Скопје не пратеше една кола, некој од колата снимаше со телефонот, одеа пред нас и зад нас. Тогаш еден од водачите на групата се јави на телефон и колата која не следеше веднаш потоа ја снема“, ми вели соговорникот.
Илјада евра за невеста од Пустец
На крајот од разговорот мојот нов пријател ми порача дека стои на располагање доколку имам некои пријател ерген за женење. Тоа било сега нов вносен бизнис. Тој лично досега заработил околу 6000 евра.
„По илјадарка од невеста“, вели тој со голема сериозност напоменувајќи дека младите девојки од Албанија ги носи само кај луѓе со сериозни намери да се одомаќинат.
„Имам обврска кон семејствата на тие девојки да ги однесам во чесни семејства во Македонија“.
На крајот да споделам со Вас и моето лично доживување. Поминав убав ден во Пустец со моите пријатели од наша Преспа од Брајчино, Иљо, Спиро, Васко и другите. Сретнавме убави луѓе , јадевме извонреден крап спремен на начин кој го нема кај нас. Рецептот не ми го кажаа инаку ќе го споделев. За 9 кила крап плативме 3000 денари. Овој ручек во Охрид тоа наше друштво немаше да може да си го дозволи. Газдата на расторанот, Илија, не дочека срдечно и исто така не услужи. Не стигнавме да се искапеме на една од плажите поради што искрено жалам бидејќи таму водата не е повлечена како во наша Преспа. Бистра длабока вода и песочна плажа. Се најадовме, напивме и изнесмеавме, имаше и македонска песна, но најважно од се, ова беше одлична терапија за мојот анимозитет кон Пустец создаден за време на изборите. Се ослободив од него и на душава и дадов можност за пријатни доживувања на една заедница на која само душата и знае како опстанала низ тешките времиња во кои преживувала.