Во арената „Борис Трајковски“ во Скопје попладнево беше отворено 34. издание на Саемот на книгата, кој е под покровителство на Министерството за култура. Над 60 издавачки куќи од земјава, но и од Турција, од Србија, од Косово и од Албанија се претставуваат на годинашното издание на Саемот што ќе трае до 9 мај. Фокусот е на детската литература, односно на привлекување на најмладите читатели.
На Саемот оваа година ќе се реализираат средби со автори, а најавени се и промоции и попусти. Издавачките куќи ќе се претстават со своите најнови наслови – изданија за 2022 година. Ќе бидат организирани и работилници и промоции на нови изданија за деца.
Во седумте саемски денови ќе се одржат над 30 промоции на нови изданија и автори во Промотивниот центар, а ќе има гостувања и на странски автори. Ќе бидат доделени и наградите на Македонска Асоцијација на издавачи (МАИ).