Вандализам врз ормарите за уличното осветлување од непознати сторители била причината за прекин на електричната енергија вчеравечер во Градски парк, соопштија од Град Скопје од каде остро го осудија таквиот чин.
„По реакција од чуварските служби на Град Скопје оти во Градски парк вчеравечер немало улично осветлување, надлежните градски екипи веднаш излегоа на терен во увид и во рок од 15-тина минути го санираа проблемот. При увидот е утврдено дека непознати сторители насилно ги отвориле кутиите (орманчиња) за електрична енергија кај ЗОО Скопје и во близина на споменикот на Гоце Делчев, а осигурувачите биле исклучени. По истото е веднаш постапено и беше вклучена електричната енергија за осветлувањето на Градскиот парк“, се наведува во соопштението на Град Скопје.
Град Скопје, се вели во дописот, остро ги осудува таквите дејствија и апелира до граѓаните да не се врши насилно отворање на ормарите за електрична енергија, затоа што со тоа се доведува до опасност мрежата за електрична енергија и се загрозува безбедноста на посетителите на Градски парк.
„Службите во Градот Скопје по повод овој вандализам го известија Министерството за внатрешни работи, се надеваме на соодветно постапување од страна на надлежните институции“, се нагласува во соопштението.