Како во црковните кругови се коментира признавањето на Вселенската Патријаршија на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, која со ова е прифатена во канонско единство со сеправославниот свет, прашавме неколку црковни лица.
Презвитер Ивица Тодоров рече дека радосна вест е веста за евхаристиско единство и љубов, заеднички сослуженија е и тоа како важна за нашата црква и за нас како свештени лица, но треба да се има предвид тоа што допрва треба да се утврдува статусот и името на црквата.
„ Истовремено има многу отворени прашања во сето ова. Дали ние придавката македонска/о/и може да ја зачуваме во внатрешна или во надворешна употреба, што значи тоа што со одлуката на Вселенската патријаршија, како што навеле, Охридската архиепископија да е со јуриздикција во границите на Република Северна Македонија што автоматски го отвара прашањето за епархиите во странство, натаму за статусот и за името на МПЦ-ОА, разговорите со СПЦ, така да има многу отворени прашања и непознаници кои ме прават да сум резервиран оптимист околу чекорите што ќе следуваат, изјави Тодоров за НОВА.
Отец Горан Стојчевски, свештеник во Соборниот храм во Скопје, вели како свештено лица со голема радост ја проследил веста од Вселенската Патријаршија.
„Ние секојдневно во нашите молитви и преку светите тајни се молиме за единство во православниот свет и Бог да помогне да се надминат поделбите бидејќи поделбите не се од Бог и не му се својствени нему. Конечно време беше да се признае нашата црква и да се реши нејзиниот статус, вели свештеник Горан Стојчевски за НОВА.
Меѓу првите кои реагираа на одлуката од Фанар беа од манастирот Св. Јован Бигорски.
Со одлуката на заседанието на Светиот Синод на Вселенската Патријаршија, возглавен од Неговата Сесветост, Патријархот Вселенски г. г. Вартоломеј, се отстранува повеќедецениската шизма наложена врз нашата древна Охридска Архиепископија. Тоа значи дека Вселенската Патријаршија ја признава црковната јерархија предводена од Архиепископот г. Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспоставува канонско и литургиско општење со неа, се наведува во објавата на ФБ.
(М. Трпческа)