Министерот за надворешни работи Бујар Османи, како координатор, министерка за одбрана, Славјанка Петровска, министерот за економија, Крешник Бектеши и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска ја сочинуваат делегацијата за Стратешкиот дијалог меѓу Македонија и САД чиј почеток е закажан на 2 јуни.
Стратешкиот дијалог претставува подигнување на односите на повисоко ниво со САД и особено е значаен во контекст на актуелните безбедносни закани. Во рамките на дијалогот ќе бидат опфатени теми од билатералните односи за соработка во економијата, трговијата, образованието, транспортот, енергетиката, климатските промени, демократскиот развој, борбата против корупција, владеењето на правото, како и безбедносните сегменти од соработката, од миграција, борба против тероризам, се до справување со организираниот и меѓународен криминал.
Дијалогот ги опфаќа и актуелните безбедносни состојби, соработката на двете земји како НАТО партнери, аспирациите на Македонија за зачленување на ЕУ, претстојното претседавање на земјава со ОБСЕ, заложбите во рамки на Самитот за демократија на претседателот Бајден и други теми од интерес.