Кога помислуваме на светската економска криза, првите слики кои ни паѓаат на памет се обично масовните протести во Грција или Шпанија, Оли Рен или Ангела Меркел во посета на некоја јужна европска држава, банки во пропаст или берзи во црвено. Но кризата влегува и во спалните соби…
“Да можев, ќе се разведев“, ова, тврдат шпанските психолози, е најчестата реченица што ја слушаат во нивните ординации последниве години. Имено, од 2007 година до денеска, стапката на разводи во оваа земја, тешко погодена од кризата, опаднала за над 20%.
Феноменот не ги засега само “најсиромашните“ европски држави. Слични трендови на опаѓање се забележани во Англија, во САД, па и во Франција. Париски адвокат за францускиот РТЛ вели дека од септември минатата година кај него стигнуваат 30 до 40 отсто помалку барања за развод. Административните и легалните трошоци при развод можат да варираат од неколку стотици евра до повеќе илјадници евра, зависно од тоа дали има заеднички договор помеѓу двете страни или дали е ситуацијата конфликтна.
Економската криза е толкава што, за некои, и тие неколку стотини евра станаа преголема цена, велат адвокатите.
Резултатот е загрижувачки : мајки кои се откажуваат од алиментација и дополнителни бенефиции на кои имаат право за да дојдат до побрз и поевтин развод; парови кои се одлучуваат за заеднички адвокат иако ситуацијата го налага обратното; во најтешките случаи, бракови кои покрај се продолжуваат да живеат под ист кров, некогаш во неподносливи услови.
Како и често во услови на рецесија, меѓу најкревките жртви се жените: помалку платени од мажите, почесто невработени, многумина остануваат во неуспешни бракови, некогаш дури во случаи на семејно насилство. А кога успеваат да заминат, често мораат да се вратат кај родителите.
Правници и психолози го креваат гласот против оваа загрижувачка појава:“Ми се чини скандалозно луѓе да останат во брак затоа што немаат пари за хонорарите на адвокатот“, вели парискиот адвокат Жулиен Геген. “Најтешко е за оние кои не само што не можат да си дозволат развод, туку и по цели денови се заедно дома затоа што се невработени. Особено ако имаат деца, ситуацијата е страшно конфузна“, вели шпански психологм во изјава за Њу Јорк Тајмс. “Кога двајца се принудени да живеат заедно, се загадува целиот екосистем наречен семејство, и ги излудува и мажот и жената“.
“Да мораш да живееш со жена што си ја сакал, а што те отфрлила е психолошка тортура„ сведочи еден Шпанец за њујоршкиот дневен весник. Ситуацијата била до толку неподнослива што Квадрадо размислувал и за самоубиство… Неколку месеци подоцна финансиската состојба им се подобрила и двајцата успеале да се отселат во по едно мало станче. Но не сите ја имаат таа среќа. Најчесто остануваат заглавени заедно, принудени да спијат одвоено, да им го отстапат некогаш брачниот кревет на новиот љубовник.
Комплексни ситуации кои сами себе тешко си ги објаснуваат, а камо ли на децата, кога ги има.
Разводите опаѓаат додека соживотот од материјални причини е се почеста појава. Така, 26 годишната Французинка Јулија објаснува дека заедно со момчето одлучиле да живеат заедно после само пест месеци: “Не верувам дека е човекот на мојот живот, но ужива да готви, додека јас многу трошам на готова храна, а јас пак имам машина за перење, па подобро да плаќаме само една кирија, за другото ќе видиме подоцна“.
Брак од разум наместо брак од љубов или развод, економската криза би можела да донесе големи општествени и социолошки промени, или да врати стари вредности “во мода“. Ако некогаш притисокот од средината бил главната причина луѓето да не се разведат, оваа улога денеска ја играат парите.
Но не сите гледаат негативно на овие промени. За поконзервативните сили во сите овие земји, кризата би можела да значи “спас“ за семејните вредности.
Напредок или мрачно враќање назад? Последиците од светската економска криза допрва ќе излегуваат на виделина, некогаш таму каде никој не ги очекува.
Што мислите вие? Дали и во Македонија препознавате сличен тренд? Би останале ли со партнер кој не го сакате повеќе поради финансиската состојба? Би се откажале ли од алиментација за детето за побрз развод?
Споделете ги вашите мислења на Твитер #разводи и на Фејсбук