Златниот трофеј на Жил Риме, кој традиционално се врачува на капитенот на победничката репрезентација на Светските фудбалски првенства, денеска „гостуваше“ во Скопје на пропатување низ земјината топка во пресрет на турнирот во Катар во ноември и декември оваа година.
Со пехарот во главниот град на Македонија, 51. држава во рамки на неговата турнеја, допатува и бразилската фудбалска легенда Жилберто Силва, а на свечениот настан присуствуваше и македонскиот претседател Стево Пендаровски.
Пендаровски се заблагодари на честа што Македонија е попатна станица на престижниот шампионски трофеј и посака во иднина да заврши и во рацетре на капитенот на македонскиот национален тим.
„Нема поголемо задоволство, не само меѓу љубителите на фудбалот и спортот, дека еден ден во блиска иднина, наместо претседателот на државата да го има во раце овој трофеј, капитенот на нашата фудбалска репрезентација да го крене високо и да го имаме постојано во просториите на ФФМ“, рече Пендаровски, кој од Силва доби реплика од трофејот на подарок.
С.Д.