Бобан Несторовски има 29 години и веќе 17 години е на инсулинска терапија поради дијабетисот кој му е откриен во детството. Но дијабетисот не го спречува активно да спортува и да тренира кикс бокс. Минатата недела на Државното првенство во кикс бокс во две дисциплини, Бобан освои златен и бронзен медал. Но, инсулинската криза сериозно го растревожи овој млад човек бидејќи во државата снема „новорапид“инсулин кој Бобан го користи веќе осум години. Министерството за здравство за овој и за уште неколку видови на инсулин кои недостасуваат, на пациентите им нуди замена за други видови инсулин.
„Мене оваа терапија ми делува одлично и јас немам намера да го менувам инсулинот. Ги замолувам сите надлежни да се најдат потребните инсулини, да се реши проблемот бидејќи замената на инсулинот не е решение.Тука не станува збор за таблети за главоболка, туку за лек кој делува различно кај сите пациенти, изјави за НОВА Несторовски.
Овој млад човек е само еден од 10 000 луѓе со дијабетис кои се принудени да ја менуваат терапијата поради тоа што залихите од неколку вида на инсилун во државата се потрошиле. Инсулинските аптеки се веќе испразнети, а на пациентите им објасниле дека инсулините кои недостасуваат ќе ги добијат за два месеца , кога всушност ќе заврши тендерот за набавка на инсулини. Дијабетеичарите се во паника. Реагираат и од Здружението за детски дијабетес „Баланс“.
„Децата кои се на инсулинска терија се најзагрозени. Секоја промена на инсулинот предизвикува шок за организмот, бара промена и на режимот на исхрана, може да се случи организмот и да не го прифати новиот инсулин, а тоа е многу трауматично, изјави за НОВА Цвете Серафимовски, претседател на Здружението „Баланс“.
Овој 35 годишен човек цели 10 години е на еден тип инсулин и вели дека е резистентен, односно неговиот организам не го прифатил инсулинот кој пред извесно време му бил препришан. Сега и тој е принуден да ја менува терапијата поради недостигот на инсулини во државата.
Според информациите до кои дојде НОВА во моментот недостасуваат следните инсулини: Левемир и за него се нуди замената Лантус, нема Новорапид за кој се дава замената Хумалог, недостусува НовоМикс 30 кој се заменува со Хумалог 25. Пациентите велат дека се принудени да го сменат лекот кој го примаат со години, со друг кој во моментот го има на залиха.
-Инсулин имам само за неколку дена и не сакам да го сменам бидејќи организмот ми е навикнат на овој тип, што го примам со години. Ова е принуда да мора да го менуваме инсулинот, изјави револтирано пациентка која чекаше пред Центарот за дијабетес.
Од Министеровото за здравство велат дека замената на еден тип на инсулин со друг, нема никаков ризик по здравјето на пациентите. Од таму се децидни дека префрлања од еден на друг тип инсулин се прават и во амбулантски и во болнички услови, во зависност од тоа кои инсулини се набавувани на јавните набавки, без никакви последици по здравјето на лицата со дијабетес,а пациентите само да се придржуваат до препораките на нивните лекари, како во однос на инсулинската терапија, така и во однос на другите аспекти како што се исхраната, физичката активност, третманот на напоредните заболувања и слично.
„За сите пациенти со дијабетес мелитус во Република Македонија има обезбедено континуирано снабдување со инсулинска терапија, и ниту еден пациент не е оставен без потребната инсулинска терапија, независно дали се уште го прима истиот или друг тип на инсулин“, соопштуваат од Министерството за здравство.
Министерството за здравство соопштува дека според Програмата за набавка на инсулин, ленти за мерење гликемија, инсулински пумпи и глукагон, има склучено договори за набавка на инсулинска терапија со 4 дистрибутери. Од нив само еден целосно ги има исцрпено сите количини од договорот и ги има потрошено сите средства од финансиската рамка, додека од останатите 3 дистрибутери има доволно количини и финансиски средства уште за значителен период.
Во Македонија им а 42 000 пациенти на инсулинска терпија, а вкупниот број на дијабетичари изнесува 185 000.