Во моментот се соочуваме со 105 милиони евра непланирани трошоци за електрична енергија од кои 30 милиони евра отпаѓаат на општините, а останатиот дел е на компании кои потпишуваат фиктивни договори со некои општини за да останат или се вратат на регулираниот пазар, иако не исполнуиваат критериуми, наместо да одат да набават струја на слободниот пазар. Такви трендови мора да престанат и при носење на одлука за цената на електричната енергија нема да дозволиме тој товар да падне врз грбот на граѓаните, изјави првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимовски во вечерашното гостување во „Топ тема“ на ТВ Телма.
Бислимовски го посочи континуираниот проблем во домашното производството на електрична енергија, тренд кој, како што нагласи, трае од 2010 година.
„Ситуацијата е исклучително лоша и не очекувавме вакви удари од домашни компании и општини. ЕСМ мора да обезбеди 100 проценти од потребната електрична енергија на регулираниот пазар. Ако 40 отсто се набават на слободниот пазар тоа ќе значи катастрофа“, додаде Бислимовски.
Тој посочи на лошите прогнози за цената на електричната енергија за 2023 година на меѓународните пазари и минималната цена, според унгарската берза, ќе 240 евра за мегават час.
„Но, тоа е долната граница. Цената за мегават час сигурно ќе достигне 280 евра, со трошоците за обезбедување на преносен пат за таа струја и уште некои ситни давачки. Затоа ЕСМ, како знае и умее, мора да го зголеми сопственото производство и да да обезбеди 100 проценти од потребната електрична енергија на регулираниот пазар“, нагласи претседателот на РКЕ.
С.Д.