Пожарникарите и во вечерните часови работат на целосно гаснење на пожарот во Тетово, кој во текот на денот беше ставен под контрола и локализиран. Огнот започна во големата управна зграда на поранешната фабрика „Македонија табак“ и зафати два соседни објекта, каде приватна фирма сега произведува и складира градежни материјали. Пожарот беше ставен под контрола и локализиран само во управната зграда, додека во останатите два соседни објекта е изгаснат.
„Огнот во текот на вечерта е локализиран и ставен под контрола. Вечерва сè уште има чад, затоа што целата покривна конструкција од големата зграда изгоре и падна. Имаме големи количини на изгорени материјали кои тлеат и затоа сè уште има чад и ќе има и во текот на вечерта. Цела ноќ ќе дежураме за да се избегне опасност од повторно разгорување на огнот. Ова беше еден од најголемите пожари во мојата кариера и фрливме неверојатно големи количини на вода“, изјави командантот на тетовската пожарна Ука Алити.
Двајца полесно повредени пожарникари, како и неколкумина кои вдишале чад, се последиците по луѓето кои работеа на гасење во пожарот, што избувна изутрината околу 9:30 часот. Од Центарот за јавно здравје Тетово препорачаа болните лица и децата да не излегуваат од дома ако немаат потреба или да носат заштитна маска КН 95.
„Пожарот е под целосна контрола благодарение на силната интервенција на противпожарните единици од Тетово, од Скопје, од Куманово, од Гостивар и од Кавадарци, благодарение на армискиот и полицискиот хеликоптер, но и вработените и други граѓани кои помогнаа во пренесувањето на горливата материја со виљушкари“, изјави Стојанче Ангелов, директор на ЦУК.
Испитување на воздухот направила единица на Армијата која анализира атомско-биолошка-хемиска опасност.
„Нема опасни гасови во воздухот, отровни гасови. Извршија испитување на воздухот во околината и состојбата од аспект на отровни гасови е безбедна. За секој случај очекуваме дополнително испитување бидејќи има мала веројатност за отровни гасови која можеби нема можност да детектира, но потсетувам имаат врвна опрема од Америка“, рече Ангелов.