Обвинителот Љубомир Лапе побара затворски казни за поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и за поранешниот генерален секретар на партијата, Кирил Божиновски, но и конфискација на седиштето на опозициската партија и нејзините штабови во предметот „Талир 2“, објави а1он.мк.
Според него, како што пренесува порталот, „„Бетон“ го изградил објектот во кој е сместено седиштето на партијата за подоцна да добиваат државни пари, односно приходи од јавни набавки, а ВМРО-ДПМНЕ на тој начин ги заобиколила законските ограничувања за финансирање на политички партии“.
Кај Груевски, според Лапе, „преовладуваат отежнителни околности оти бил свесен за противправните дејствија“, додека и „во случајот со Божиновски нема олеснителни околности, па затоа не треба да добие условна казна“.
Покрај централниот објект во Скопје, Лапе, според кого е присутна корупција и кај ВМРО-ДПМНЕ и кај „Бетон“ во случајот, предлага конфискување и на партиски имот во Кисела вода, Струмица, Кавадарци, Велес, Берово и Таринци, како и недвижности во Кисела вода 2, Охрид, Штип, Радовиш, Неготино, Лозово, Струга, Кочани, Виница, Новаци, Македонска Каменица, Гевгелија, Градско, Богданци, Пробиштип, Пехчево, Делчево, Демир Хисар и Петровец за кои веќе имало изречено привремени мерки со решенија.
Лапе во барањата не се задржа само на посочениот недвижен имот, туку побара конфискација и на теписони, камини, лустери, плочки, паркет, послужавници, итн.