Вечерва на полноќ завршува да важи дел од владиниот сет со 26 антикризни мерки чија цел во изминатиот период беше да спречат покачување на некои од основните прехранбени производи со што граѓаните се соочуваат со нова можност за ценовен шок од утре.
Дел од основните прехранбени производи од утре повторно ќе бидат во малопродажба со ДДВ. Пресметките велат дека, на пример литар масло за јадење, ќе се продава за 12 отсто повисока цена и ќе достигне околу 155 денари.
Повисоки цени ќе имаат млекото и млечните производи, јајцата, месото, лебот, брашното, оризот и шеќерот по враќање на ДДВ-то на 5 проценти и ќе биде укината маржата која во изминатите месеци беше „под мраз“.
Стапката на ДДВ, како и намалената акциза, од утре одат нагоре и кај горивата (од 10 на 18 проценти), па предвидувањата упатуваат на покачување и на цената на литар до, отприлика, 10 денари.
Единствено што засега останува да важи до крајот на оваа календарска година е намаленото ДДВ за електрична енергија на 5 проценти.