Бензинот Еуросупер БС-95 од ноќеска на полноќ ќе се продава по цена од 104 денари за литар, малопродажната цена на Еуросупер БС-98 ќе изнесува 106,5 денари за литар, додека дизелот ќе се точи за 95 денари за литар, објави попладнево Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
„Со оглед дека вечерва на полноќ истекува времетраењето на намалената акциза и данокот на додадена вредност за соодветните нафтени деривати, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе Одлука со која изврши усогласување со законските прописи кои ќе бидат на сила од полноќ со што малопродажните цени на нафтените деривати се зголемуваат во просек за 7,96 отсто“, се вели во соопштението на РКЕ.
Малопродажната цена на бензинот Еуросупер БС-95 се зголемува за 9 денари за литар, безоловниот бензин Еуросупер БС-98 се зголемува за 9,5 денари за литар, дизелот ќе „скокне“ за 9 денари за литар, а малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемува за 8,50 денари за литар. Иста останува само цената на Мазутот М-1 НС – 54,640 денари.
Од РКЕ нагласуваат дека „трговците со нафтени деривати на големо и мало и со горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“.