Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) во петок ќе донесе одлука за генерален штрајк, најави претседателот Дарко Димовски од Охрид. Според него, таквиот чекор е неминовен по очекуваниот нов бран на поскапувања поради тоа што на полноќ завршуваат дел од мерките од антикризниот пакет на владата која, пак, на денешната седница не расправаше за нивно продолжување и предложување на нови.
Павел Трендафилов, потпретседател на Советот на ССМ задолжен за приватниот сектор, рече дека Сојузот на синдикати се подготвува за генерален штрајк, бидејќи инфлацијата, како што истакна, „веќе ја „изела“ минималната плата што беше договорена со власта“ и порача дека „линеарно покачување од 2.800 денари што беше барано повеќе е беспредметно и затоа ќе се бара поголемо“.
Првите луѓе на ССМ одржаа прес-конференција попладнево во Охрид на која истакнаа дека има големо незадоволство меѓу работниците, меѓутоа добиле и многу негативни реакции за предлогот на министерот за економија, Крешник Бектеши, со кој недела ќе биде работен ден во туристичките места.
„Сметаме дека овој предлог од Министерството за економија е крајно неприфатлив и бараме од Собранието да не бидат изгласани тие законски измени, со цел да не ги оштетиме работниците и да не ги уназадуваме работничките права, кои се голем бенефит за нас, особено денот недела“, рече Димовски и нагласи дека „нема такви пари што може да ги натераат да работат во недела, ден кој го поминуваат со своите семејства“.