Цената на бензинот Еуросупер БС-95 од ноќеска на полноќ се зголемува за три денари и ќе се продава за 107 денари за литар, додека безоловниот Еуросупер БС-98, дизелот и Екстра лесното масло за домаќинство ќе поскапат за 2,5 денари за литар и ќе чинат 109 денари, 97,5 денари, односно 95,5 денари за литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ). Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати за 2,11 отсто во просек.
Сo одлуката на РКЕ не се менува малопродажната цена на Мазутот М-1 НС и останува 54,64 денари за килограм.
Како причина за зголемувањето на малопродажни цени на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат зголемените референтни цени на нафтените деривати на светскиот пазар кај бензините во просек за 4,584 отсто и кај дизелот за 4,856 отсто, како и за 0,467 отсто повисокиот курс на доларот во однос на денарот.