Бугарскиот претседател Румен Радев за првпат ја наметна идејата за можно распишување на референдум на кој граѓаните ќе бидат консултирани по прашањето на македонската интерграција во Европската Унија (ЕУ). Вели „последна инстанца секогаш е народот“ и истакна дека постојат уставни механизми за негово консултирање.
„Јавното мислење во Бугарија има цврт став за односите со Скопје, но клучна би била и дилемата како ќе биде формулирано референдумското прашање“, објавија дел од бугарските медиуми по споделување на идејата на Радев, каква што неодамна испорача и бугарската ВМРО.
Медиумите во Бугарија нагласуваат дека евентуалното распишување на референдум ќе одземе многу време и би можело, секако, да влијае на процесот на водење на билатералните преговори, меѓутоа и дополнително да ја забави европската интеграција на регионот.
Засега нема сигнали дека бугарското вето за почеток на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија (ЕУ) ќе биде тргнато до крајот на француското претседателство. Таква порака испрати и шефицата на бугарската дипломатија, Теодора Генчовска.
Вниманието во бугарската јавност е насочено кон претстојната средба на тамошниот државен врв со францускиот претседател Емануел Макрон на која Радев истакна дека нема да присуствува.