Потпишан e Договорот од Отава, еден од фундаментите на членството на земјата во НАТО, објави министерот за надворешни работи, Бујар Османи на Фејсбук.
„Овде во Вашингтон, токму со нашите стратешки партнери, уште еднаш го потврдуваме нашето сојузништво во рамките на Северноатлантската алијанса“, се наведува во постот на шефот на македонската дипломатија.
Договорот за правната положба на Организацијата на Северноатлантскиот договор, националните претставници и меѓународниот персонал, е усвоен во Отава на 20 септември во 1951 година и познат е како Договор од Отава.
Договорот од Отава, чиј депозитар е Владата на САД, претставува правна рамка што е неопходна за функционирање на Организацијата на Северноатлантскиот договор и за извршување на службените задачи и обврски на националните претставници на државите членки на НАТО и на меѓународниот персонал во организацијата.
Со овој Договор се регулира внатрешно-правната положба, привилегиите и имунитетите на организацијата, статусот и привилегиите и имунитетите на националните претставници од државите членки на НАТО и на меѓународниот персонал во НАТО.
Владина делегација на предводени од Османи присуствува во Вашингтон на Стратешкиот дијалог во Вашингтон. Во неа, покрај министерот за надворешни работи, се и министрите за одбрана, Славјанка Петровска, за економија – Крешник Бектеши и за култура – Бисера Костадиновска Стојчевска.