Договор со владата нема, но одлука за штрајк утре ќе има, изјави претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Дарко Димовски по денешната двочасовна средба со владини претставници за линеарно зголемување на платите за 2.806 денари.
„Разочаран сум од преговорите со владините претставници. Не излегоа со конкретни предлози, одговор имаа за се, само за усогласување на платите немаа. Нѝ понудија кафе и вода. Не бевме сфатени сериозно за нашите барања за линеарно зголемување на платите за 2.806 денари. Ценовните шокови и инфлацијата која е двоцифрена, нѝ даваат право да бараме усогласување на платите, бидејќи ова повеќе не се издржува“, изјави Димовски по средбата.
Димовски кажа дека е разочаран од разговорите со владините претставници, кои, како што посочи, имале одговор за се, само не за главното – за линеарно зголемување на платите за 2.806 денари.
„Да, ние како Сојуз на синдикати на Македонија сме за реформи, сме за нова методологија, но сме и за 2.806 денари веднаш. Бараме итно зголемување на платите“, рече Димовски.
Најави дека утре ќе заседаваат највисоките тела на ССМ и се очекува да биде донесена одлука за стапување во генерален штрајк.
Синдикатот бараше средба со премиерот, со вицепремиерот за економски прашања и со министрите за финансии и за труд и социјална политика, откако по презентирањето на ребалансот на Буџетот видоа дека не се планирани средства за ова нивно барање како што им било ветено за време на преговорите.
ССМ, на чија иницијатива недела е прогласен за неработен ден, не се согласува ниту со најновите Предлог-законски измени со кои се предлага недела да биде работен ден во туристичките места.