Независниот синдикат во ЈСП „Скопје“ за среда (15 јуни) најави протест на возачите на автобуси на кој ќе испорачаат барања за зголемување на платите и за подобрување на, како што велат, „тешките услови за работа“.
Раководството на компанијата веднаш се јави со реакција, оценувајќи дека најавениот протест е политички мотивиран и ќе биде на штета на граѓаните.
„Затоа ги осудуваме таквите дејствија и апелираме дека со политички мотивирани манипулации, поттикнати од центри на политичка моќ, нема да се придонесе за развој и унапредување на статусот на вработените во ЈСП „Скопје“, туку, напротив, ќе доведат до непоправлива штета која негативно ќе влијае врз работните процеси и статусот на вработените во претпријатието, како и за граѓаните воопшто“, велат од компанијата.
Од таму го потсетија Незавизниот синдикат на ЈСП „Скопје“ на априлската одлука за линеарно зголемување на платите за 2.800 денари.