Во рамки на првата балканска турнеја по стапувањето на должноста, германскиот канцелар Олаф Шолц, претпладнево престојува во неколкучасовна официјална посета на земјава.
Шолц и неговата делегација на платото пред Владата на Република Северна Македонија беа дочекани од премиерот Димитар Ковачевски, со церемонија со највисоки државно-воени почести.
Според агендата, предвидена е тет-а-тет средба со премиерот Ковачевски, по што ќе следува средба на двете делегации.
Официјалната посета на канцеларот Шолц ќе заврши со заедничка прес-конференција со македонскиот премиер.
Шолц во Скопје доаѓа од Белград а претходно ја посети и Приштина, а по разговорите со македонската влада, тој ќе замине за Софија, a претходно беше и во Солун.
Посетата на Балканот е со цел да се даде импулс на евроинтеграциите кои се подзабавени што од војната во Украина што од и онака бавното движење на процесот кој се дозволи да го диктираат решавања на билатералните прашања во кои најчесто проблемот е од минатото а иднината речиси и да не постои. Се на се ова предизвика пораст на евроскептицизмот, кој пак го вклучи алармот за будење на подзаспаниот Брисел.
Во случајот со Северна Македонија , состојбата не е поразлична. Преговорите со Бугарија не се знае каде ќе одведат, во услови кога претседателот Радев е отворено да не се дига ветото а во бугарската влада врие по „откривањето“ на Петков дека работел на своја рака распрашувајќи се за можностите под кои ветото можело да се тргне. Нешто што тој го демантира испорачувајќи ни три услови за бугарско зелено светло на претстојниот самит на ЕУ на 23 јуни: Да се прифати документот на бугарското собрание за надминување на спорот, Бугарите да бидат вметнати во Уставот и тоа пред првата меѓувладина конференција, и за тоа гаранција да даде Европа.
Оттаму германските медиуми меѓу кои „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ чија анализа ја пренесе и „Дојче Веле“, коментира „ во Скопје знаат дека убавите зборови на Шолц не значат многу“ и дека се мали шансите посетата да помрдне нешто во бугарско-македонскиот спор и да му го отвори патот на Скопје кон ЕУ, оценува весникот. (М.Т.)