Во организација на Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, во периодот 16-18 јуни, во Охрид ќе се одржи втората едиција на Преспа форумот за дијалог, насловен „Градење на иднината на Западниот Балкан во современата европска безбедносна архитектура“.
Преспа форумот за дијалог 2022, ќе ги опфати најгорливите безбедносни, политички и економски прашања со кои денес се соочуваат Европа и Западниот Балкан, со посебен осврт на импликациите на војната во Украина врз севкупните меѓународни, политички, безбедносни, економски прилики во Европа и пошироко. Дискусиите ќе бидат поделени по сесии и панели, на кои активно ќе земат учество претседатели на држави, премиери, шефови на дипломатии и други ресорни министри, како и меѓународни експерти.
Од министерството за надворешни работи информираат дека досега учеството го потврдиле претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, претседателите на Црна Гора, Косово, Словенија, Хрватска – Ѓукановиќ, Османи-Садриу, Пахор, Милановиќ, премиерот на Косово – Курти, потсекретарот на ОН за политички прашања Ди Карло, шефовите на дипломатиите на Австрија, Полска, Хрватска, Турција, Словачка, Грција, Босна и Херцеговина, Ватикан, од САД помошникот државен секретар Ескобар, евро-комесарот Вархеји, генералните секретари на ОБСЕ и СРЦ, специјалните пратеници за Западен Балкан на САД, ОК, ЕУ, Германија и Австрија, и бројни други ресорни министри за европски прашања, финансии, економија, животна средина, како и претставници на најважните меѓународни и регионални владини и невладини организации.