„Денеска Одеса доби серија хуманитарна помош од нашите добри пријатели од Северна Македонија, поточно од фондацијата на поранешниот премиер на земјата Зоран Заев – „Фондација Заев – Едно општество за сите“, соопшти на Фејсбук, Олександр Горењук, пратеник на Врховната Рада на Украина.
Тој појасни дека Фондацијата на поранешниот македонски премиер доставила 20 тони производи кои ќе одат за потребите на вооружените сили на Украина, бегалците и оние на кои навистина им се потребни.
„Ние сме многу благодарни на народот на оваа земја и лично на господинот Зоран Заев и неговото семејство за поддршката на Украина во борбата против руските окупатори”, изјави Горењук.
Поранешниот премиер Заев, исто така, на Фесјбук, соопштувајќи ја веста за донацијата, рече дека дале придонес за заштита на украинското население.
„Помошта пристигна во Одеса, стратешка позиција на демократска Украина, но и град од каде нашиот Крсте Петков Мисирков дејствуваше за македонските работи. Оваа помош нека биде придонес кон заштитата на украинското население кое е под воената агресија од Русија. Поддршката на независноста и суверенитетот на Украина и осудата на руската воена инвазија е наша јасна позиција како припадници на западниот, демократски и мирољубив свет”, соопшти Заев.
С.К.