Бугарија ја „тресе“ сериозна криза во пресрет на Самитот на Европската Унија (ЕУ) за кој сè уште се „живи“ надежите од официјална Софија да го крене ветото за Македонија, конечно, да добие датум за почеток на преговорите за членство пред крајот на француското претседателство. Оставки, во текот на денот, поднесоа неколку министри од „Има таков народ“ (ИТН) на Слави Трифонов, но и најава од неколку пратеници за напуштање на пратеничката група, но и на партијата.
Според лидерот Слави Трифонов, „причина е Македонија“, според групата на пратеници кои најавија разделба со ИТН, а чии ставови на заедничка прес-конференција попладнево ги соопшти Радостин Василев, министер за млади и спорт, „Македонија е само фиктивна причина, а Трифонов ги повлече министрите за да може да краде пари од некои фирми“.
Владо Бучковски, поранешен премиер и специјален претставник на Македонија во преговорите со Бугарија, сепак, проценува дека бугарската влада ќе опстане со Кирил Петков на нејзино чело.
„Групација на моќни олигарси е најголемата опасност за владата на премиерот Кирил Петков, но моја проценка е дека, сепак, таа ќе преживее, иако тој изрази подготвеност да продолжи и со малцинска влада. Се надевам дека, сепак, ќе стигне до потребната бројка на пратеници со кои ќе може да го обезбеди потребното мнозинство. Најнепосакувана варијанта за мене е распуштање на парламентот и Бугарија да оди на нови избори“, вели Бучковски во вечерашното гостување на „Топ тема“ на ТВ Телма.