Двајца Словенци ќе ги играат главните улоги во Европскиот парламент (ЕП) за Македонија во наредните пет години. Освен Алојз Петерле за кој веќе беше објавено дека ќе застане на чело на Мешаниот парламентарен комитет помеѓу ЕП и Македонија, уште еден Словенец доби ангажман со нашата земја: Иво Вајгл ќе биде новиот известувач за Македонија на местото на Британецот Ричард Ховит.
Вајгл доаѓа од АЛДЕ, партијата на европските либерали и ова му е веќе втор мандат во ЕП.
Роден е во Марибор во 1943 година и бил словенечки министер за надворешни работи во 2004 година и потоа советник за надворешна политика во кабинетот на претседателот Јанез Дрновшек до 2007 година. Во 2007 година тој ја напушта либералната партија на Словенија и влегува во тогаш новоформираната Зарес од каде е избран за европски пратеник во 2009 година.
Годинава, за овие европски избори, Вајгл одлучува да се кандидира како независен пратеник без помошта на партијата и повторно е избран да ја претставува Словенија во ЕП. Неговата одлука да се одвои од партијата за изборите е мотивирана, како што вели самиот, поради “евроскептичните ставови на партијата”. Партијата не се согласи со ова тврдење и се бранеше дека Зарес не е евроскептична партија но призна дека партијата е сепак критичар на начинот на кој ЕУ ја води политиката за изегување од економската криза.
Се чини дека потегот на Вајгл бил добар бидејќи самата партија не освои доволно гласови за да влезе во словенечкиот парламент.
Во текот на парламентарната кариера Вајгл не се заминавал многу со Македонија но познати се негови изјави во кои тој се залага за старт на преговорите за членство во ЕУ со истовремено водење на преговорите со Грција за спорот со името.
Од редовите на демохристијаните со Македонија ќе се занимава Алојз Петерле кој е назначен за претседател на Мешаниот парламентарен комитет. На чело на ова тело во претходниот мандат беше Германецот со грчко потекло Јоргос Шацимаркакис.
Во овој Комитет влегуваат уште дваесет пратеници кои допрва ќе се избираат.
Петерле е роден во 1948 година и бил премиер на првата демократски избрана словенчка влада во 1990 година. Тој бил и министер за надворешни работи и претседател на демо-христијаните од Словенија. Европски пратеник е по трет пат од влезот на Словенија во ЕУ во 2004 година. Во 2007 година тој беше кандидат за претседател на Словенија но трката ја изгуби со доаѓањето на Данило Турк на претседателското место.
Петерле беше голем поддржувач на премиерот Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ на изборите во 2011 година кога доаѓаше како гостин на митинзите на оваа партија.