Патрола од два воени НАТО авиона од типот Ф35 денеска прелетаа над Скопје и слетаа на Меѓународниот аеродром „Скопје“, во присуство на заменик американскиот амбадасор во земјава, Ерик Маер и неговиот сонародник од Националната гарда на Вермонт, потполковник Џон Мекреј.
Настанот беше во насока на демонстрација на силното сојузништво и единство на Севернотлантската алијанса, партнерството меѓу македонската армија и Националната грда на Вермонт кое се негува, речиси, 30 години, но и интенција на НАТО да биде заштитник на државите членки.
„Северна Македонија е дел од мисијата на НАТО за воздушни патроли повеќе од една година и тој елемент е еден од најважните активности на војската во мирновременски услови. Нашите аеродроми можат да обезбедат поддршка за авионот Ф-35 во извршување на различни мисии во воздушниот простор на НАТО“, рече министерката Петровска.
Полковникот Џон Мекреј, пак, нагласи дека ниту една земја самостојно ги нема ресурсите за справување со сите безбедносни предизвици и дека „токму партнерствата ја даваат колективната сила и мудрост за да ги идентификуваме и со заеднички сили да ги надминеме заканите по нашата безбедност“.
Осврнувајќи се на 30-годишната врска меѓу Вермонт и Македонија, Мекреј истакна дека и Македонија дава свој придонес кон одржување на подготвеноста на силите.
„Северна Македонија обезбедува обука и ресурси за воздухопловните сили на НАТО преку воениот аеродром во Петровец и полигонот за обука Криволак кои нѝ се потребни за да ја одржиме нашата подготвеност. Воздухопловните сили на НАТО, пак, имаат шанса да тренираат заедно со вашиот Воздухопловен Винг и Армијата за да ја гарантираат сегашната и идна безбедност на Северна Македонија, на балканскиот регион и на Европа“, подвлече тој.
Авионот Ф-35 е едносед и повеќенаменски едномоторен борбен авион. Има способност за електронско војување и за разузнавање, за надзор и за извидување. Дел е петтата генерација и фокусиран е на воспоставување на воздушна супериорност и реализација на мисии воздух-земја.
Двата борбени воздухоплова се дел од 134-та борбена ескадрила на Националната гарда на Вермонт и ќе извршат прелет над Скопје во попладневните часови.