Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов рече дека француското претседателство ја направило најдобрата рамка за кревање на ветото за почеток на преговори на Македонија за членство во Европската Унија (ЕУ) што не може да биде подобра. Но, тој ја обвини владата на Кирил Петков дека не сторила ништо во врска со Протоколот кој е дел од преговарачката рамка и сè уште не е потпишан, побара веднаш да биде свикан Министерскиот совет и да се даде зелено светло за Македонија и за Албанија да го отпочнат евроинтеграцискиот процес.
„Разговарав со пратениците на ГЕРБ и ги прашав дали ми веруваат да го поддржам предлогот. Ако се осмели овој кукавица и лажго Петков, ќе има поддршка од 59 пратеници и зелено светло на РСМ и за Албанија“, изјави Борисов, пренесува бгнес.бг.
Како што нагласи претседателот на ГЕРБ, се што е добро во Бугарија доаѓа од ЕУ.
„Европската Унија и НАТО во моментот бараат проширување со земјите од Западен Балкан. ГЕРБ го започна овој процес. Петков ќе оди во Советот на ЕУ и ќе каже дека некој му пречи. Петков ќе се крие и ќе се плаши додека ГЕРБ не ја заврши работата. Ние знаеме како да се грижиме за нашата работа. Француското претседателство ја направи најдобрата рамка и таа не може да биде подобра“, изјави лидерот на ГЕРБ.
Тој нагласи дека актуелната влада не направила ништо во врска со Протоколот, кој е составен дел на францускиот предлог и додаде дека документот сè уште не е потпишан.
„Петков си дозволува да лаже во Брисел дека ГЕРБ му пречи, дека министерот на Слави Трифонов му пречи и дека тие што не се со него се мафија. Не плашете се, дојдете во парламентот. Ова е најдоброто решение за Бугарија, Балканот и ЕУ“, му се обрати Борисов на Петков.
Според него, гласањето на недоверба е парламентарна практика и доколку се вика седница со таква точка на дневен, на неа ќе присуствуваат 59 пратеници на ГЕРБ.
„Гласањето недоверба е парламентарна практика. Нинова седум пати побарала недоверба и не сме ја нарекле мафија. Ако имаме премиер да свика собраниска седница, ќе влеземе ние 59 пратеници на ГЕРБ. Да се реши прашањето со РСМ пред гласање, да не се срами Бугарија како мрачен субјект“, додаде Борисов.