Македонија ќе добие препорака за преговори за членство и оваа година, открива европскиот пратеник од Словачка Едвард Кукан, член на демохристијанската група во Европскиот парламент во интервјуто за НОВА што ќе биде објавено подоцна.
“Препораката мислам дека ќе биде тука. Верувам и знам дека политичката порака за Македонија ќе биде таа која нема да ја обесхрабри Македонија на реформскиот пат и преговори. Јасно ќе биде кажано тоа. Во однос на препораката разбирам дека е тешко да се најдат други зборови за да се каже истото бидејќи суштината е иста”, вели тој.
Македонија и регионот не треба да бидат загрижени за иднината на процесот на проширување. Изјавата на новиот претседател на Европската комисија (ЕК) Жан-Клод Јункер дека во наредните пет години, за време на неговиот мандат, нема да има нови членки во ЕУ, пратеникот Кукан не ја толкува како негативна:
“Изјавата на Јункер загрижи многумина. Но секогаш се цитира само овој дел од изјавата. А Јункер продолжи со изјавата и рече дека преговорите за проширување ќе одат со уште поголема брзина, без паузи и без пречки и дека ќе биде многу лошо ако испратиме лоши сигнали на нашите партнери”, вели Кукан.
Тој исто така сметка дека е добро што Австриецот Јоханес Хан е именуван за комесар за проширување и преговори. Според Кукан, Австрија е земја која добро го познава регионот а Хан е човек кој не многу визибилен ни динамичен како што е Штефан Филе, но е човек кој има идеи за решавање на проблемите како на пример проблемот со името.
“Јас лично го познавам и имам многу позитивно мислење за него. Тој е поинаков од комесарот Филе. Нема да биде толку визибилен и динамичен како Филе. Тој е прагматичен и мислам дека ќе донесе нови идеи. Ќе гради мостови и ќе направи луѓето да почувстуваат дека нешто добро се прави за нив”, вели Кукан.