Граѓанка, родена во СФРЈ (Косово), којaшто во далечната 1973 година се омажила со македонски државјанин, успеа после скоро пет децении чекање да добие државјанство по интервеција на Народниот правобранител. Апсурдноста на овој случај е уште поголема, поради тоа што сите членови од нејзиното семејство-шестте деца од самото раѓање немале проблем да добијат уверение за државјанство. Ова е само еден од многуте случаи коишто се објавени во Годишниот извештај од Народниот правобранител кој денеска беше презентиран.
Во почетниот дел од Годишниот извештај се издвоени неколку карактеристични случаи, состојби, конкретни проблеми на граѓани, во кои од страна на Народниот правобранител се утврдени прекршувања и повреди на уставните и законските права на граѓаните.
Како што се појаснува за овој случај, при спроведената постапка, Народниот правобранител се обрати до Агенцијата за национална безбедност и побара во најбрз можен рок да се изврши безбедносна проверка за наведеното лице, а органот при давање на мислењето да се раководи од фактот дека подносителката ги задоволува останатите услови предвидени во Законот за државјанство и од принципот за почитување на правото на семејниот живот, кое право е утврдено во член 8 од Европската Конвенција за заштита на човековите
права и слободи.
Народниот правобранител беше известен дека е постапено по неговата интервенција и во таа смисла по даденото позитивно мислење од страна на Агенцијата за национална
безбедност, Министерството за внатрешни работи-Оддел за граѓански работи донесе Решение за прием во државјанството за возрасната граѓанка.
Освен што сака да посочи дека овие констатирани повреди се всушност нелогични, незаконски, па дури и апсурдни ситуации настанати поради незаконско, нестручно и непрофесионално работење на органите, и истовремено да ги повика надлежните органи да преземат итни мерки и дејствија за отстранување на наведените повреди, Народниот правобранител посочува дека неговите намери и заложби се сериозни, конструктивни и на закон засновани, и воедно се оградува од какво било друго сфаќање вон контекст, во однос на издвоените случаи, а сè со цел обезбедување на навремено и непречено остварување, почитување и унапредување на човековите права и слободи во државата.
(Љ.Б.)