Во Македонија е намален апетитoт за реформи и тоа е една од моите големи грижи. Ова е првата изјава на новиот комесар за проширување Австриецот Јоханес Хан дадена пред неколку минути во Европскиот парламент (ЕП) каде што тој гп поминува својот комесарски испит пред европските пратеници. Тие ќе треба да го потврдат неговиот мандат пред тој и официјално да започне на 1 ноември.
Своите излагање за соседската политика на ЕУ и проширувањето започна во 13 часот и 30 минути. Во неговото уводно излагање тој рече дека една од првите негови задачи ќе биде посета на земјите кои се аспиранти за членство во ЕУ. Неговата порака ќе биде дека негови приоритети остануваат владеењето на правната држава, независноста на медиумите, транспарентна влада и зајакната соработка со организациите на граѓанското општество. “Мој лајтмотив ќе биде квалитетот а не брзината за да им се помогне на земјите кои сакаат да влезат во ЕУ”, им рече тој на пратениците. Хан посакува да нема никаков статус кво во преговорите за членство.
Првото прашање за Македонија дојде од грчкиот пратеник Јоргос Епитидеиос од Златна зора. Тој рече дека Македонија користи грчко име и дека ПЈРМ не ги исполнува условите за влез во ЕУ како критериумите од Копехагени и запраша како новиот комесар ќе го реши овој проблем.
Хан одговори дека Македонија е кандидат за членство од 2005 година и фактот што нема досега преговори влијае врз расложението на населението. “Апетитот за реформи е намален и тоа е голема грижа за која треба да најдеме решение во наредните пет години”, рече Хан додавајќи дека ова за него е голем предизвик. Новиот комесар смета дека ситуацијата не е задоволувачка и дека во Македонија реформите се успорени.