Штрајкот на Сојузот на синдикати на Македонија продолжува денеска со блокада на влезот на Скопје, со блокада на раскрсницата на булеварот „Александар Македонски“ со улицата „16 Македонска бригада“ во населба Автокоманда. За време на блокадата (7 до 10 часот) ќе се пропуштаат само возила на итната медицинска помош, на полицијата, на армијата и на противпожарната служба.
Синдикалниот притисок се однесува на барањето за линеарно зголемување на платите од 2.806 денари за секој работник во јавниот сектор и истото да се вметне или преку амандман или преку Општиот колективен договор
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) информираше дека Штрајкувачкиот одбор – Претседателството на ССМ дискутирало за активностите кои се спроведуваат со генералниот штрајк, посочувајќи дека незадоволството на работниците од јавниот сектор е огромно и од тие причини решиле да продолжат со други форми на синдикален притисок и незадоволството да го изразува на улица.
„Пораката ќе биде јасна за пратениците кои не даваат поддршка и глас за предлог-амандманот на ССМ, зошто работниците не се задоволни од нивната продуктивност и ангажман за надминување на работничките проблеми, а на овој начин пратениците нема да можат да стигнат во Собранието за да наплатат патни трошоци, а истото важи и за владините министри кои се глуви за работниците и работничките барања во оваа криза“, се вели во објавата на ССМ.
И натаму останува во сила одлуката дека вработените во јавниот сектор ќе бидат на своите работни места, но нема да извршуваат работни задачи, освен 10 проценти од вработените кои ќе бидат на располагање за потребите на граѓаните.