Стопанската комора на Северна Македонија, од утре до крајот на август, ќе биде присутна со свои тимови на граничниот премин „Табановце“ и на лице место ќе се утврдува како се одвиваат постапките за увоз и извоз на стоки и дали се точни пријавите од компаниите дека нивни камиони се задржуваат по три до четири дена.
Тимовите ќе бидат на „Табановце“ од 9 до 15 часот и ќе имаат соодветни ознаки за да бидат препознати од компаниите и службите. За нив е обезбедена и канцеларија од Царинската управа.
„Добиваме реакции од фирми дека чекаат по три до четири дена на „Табановце“. Сакаме да утврдиме дали е тоа навистина така, како течат постапките и процедурите, дали има ефект иницијативата „Отворен Балкан“. По утврдување на состојбите, ќе иницираме евентуална промена на регулативи или други решенија, зависно од согледаните проблеми. Времето на задржување на камионите е многу важно, но во нашиот фокус сега е да направиме целосно согледување на терен на целокупната постапка, не само времето, туку целата процедура: процесирање на докумненти, нивна обработка, сертификати за стоката, земање мостри, анализи, итн. Тоа ќе ни овозможи креирање соодветни предлози за промени и поголема ефикасност на процесот“, рече на прес-конференција в.д. извршната директорка на Комората, Билјана Пеева Ѓуриќ.
Таа објасни дека „Табановце“ е избран за прв граничен премин, затоа што е најфреквентен во Македонија, но нема да биде и единствен. Вакви „контроли“. најавиваат од Комората, се планирани и на другите гранични точки, а следна веројатно ќе биде „Ќафасан“.
„Ефикасното минување на границите е круцијално, зашто трошоците при долгото чекање се многу често поголеми од фактичките трошоци за царините. Дигитализацијата, транспарентноста и формалностите на границите се императив за непречен проток на стоки и напредок во овој дел има, а нашите служби се и поефикасни во регионот и некои европски држави во однос на помалку хартија за увозно-извозните постапки. Но, независно од ваквите извештаи, пристигнуваат реакции дека постои простор за подобрување на состојбите. На „Табановце“ има колони камиони за влез и излез од државата. Затоа вработени во Комората од 9 – 15 часот ќе бидат на граничниот премин, а целта е да се согледаат ефектите од „Отворен Балкан“ и генералната функционалност на граничниот премин“, истакна Анета Димовска, координатор на првата група вработени во Комората кои ќе присуствуваат на „Табановце“ во јули.
Компаниите од денеска ќе можат да ги адресираат своите забелешки и да укажат на состојби и проблеми и на интернет страницата на Стопанската комора.
Пред три месеци, на средбата со Стопанската комора на Србија која се реализираше токму на „Табановце“, беше констатирано дека царинските и полициските контроли за камионите траат околу четири минути, но целата постапка, со ветеринарните и фитосанитарните контроли, е околу половина час.
Во првиот квартал од годинава, обемот на размена со Србија е зголемен за 26 отсто. Нашиот извоз е зголемен за 34 проценти, а увозот бележи 23 отсто раст.