Од денеска почнува рокот за пријавување на сите заинтересирани учесници на изборите за Советот на Општина Тетово кој ќе трае 15 дена, заклучно со 14 јули, во подрачното одделение на Државната изборна комисија (ДИК) во Општина Тетово.
Во врска со изборите во општините Маврово и Центар Жупа, од ДИК уште еднаш потсетија дека сè уште трае јавниот увид.
„Увидот е започнат на 25 јуни и ќе трае до 14 јули, значи 20 дена. Собирањето на потписи, пак, за предлагање на листи на кандидати е започнато на 20 јуни, и ќе трае до наредната недела, до 4 јули, исто во подрачните одделенија на ДИК во Гостивар, за Маврово и за Центар Жупа“, додаде Кондарко на денешната седница.
Претходно, на владина седница на 14 јуни беше донесено решение за распуштање на Советот на Општина Тетово, согласно исполнувањето на еден од условите во членот 75 од Законот за локална самоуправа, според кој општинските совети ќе бидат распуштени доколку не ја донесат завршната сметка и Буџетот до 31 март како што е предвидено со законската одредба.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери согласно своите уставни надлежности на 21 јуни распиша избори за членови на Советот на Општина Тетово.