Во градските подрачја во земјава во минатата година, според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), живородени биле 11.224 деца, што е 60.2 отсто од вкупниот број на живородени деца, додека 7.424 или 39.8 отсто во руралните подрачја. Најголемо учество во однос на вкупниот број раѓања по региони има Скопскиот со 38.9 отсто, а најмало Источниот регион со 6.3 отсто.
Просечната возраст на мајката при вкупниот број на породувања во градските подрачја е 29.9 години, а во руралните подрачја 28.4 години. Просечната возраст кај првите породувања во градските подрачја е 28.3 години, а во руралните подрачја 26 години.
Во градските подрачја починале 17.955 лица или 63 отсто, а 10.561 лице или 37 отсто починале во руралните подрачја. Најголемо учество во однос на вкупниот број на починати лица има Скопскиот регион со 30.6 отсто, а најмало Вардарскиот регион со 8.3 отсто. Просечната возраст на починатите лица во градските подрачја е 73.2 години, а во селските 73.3 години.
Природниот прираст кај населението e негативен и во градските подрачја изнесува -6.731 лице, a во руралните подрачја -3.137 лица. Податоците за внатрешните миграции, во рамките на истиот регион, покажуваат дека најголемо учество од 37.9 отсто имаат миграциите од град во село, наспроти меѓуградските преселби со 9.4 отсто.
Во вкупните миграции од град во село, најголемо учество има Источниот Регион со 49.2 отсто, додека во Полошкиот регион најголемо учество имаат меѓуселските преселби со 52.2 отсто. Салдото на надворешни миграции е најголемо во Скопскиот регион – 1.296 лица, а најмало во Југoисточниот регион – 51 лице.