Во првите шест месеци од годинава се приведени 210 криминалци на територијата на Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Предмет на потрага, по наредби на суд, на Обвинителство и на казнено поправни установи, биле лица за кои се распишувани национални и меѓународни потерници: осудени лица со казна затвор, лица под истрага и со определена мерка притвор, лица оддалечени или лица кои избегале од казнено-поправни установи.
Приведените 210 лица се осудени на вкупна казна затвор од 322 години и 9 месеци, а за доиздржување уште 228 години и 4 месеци.
„СВР Скопје изготви План за оперативна акција „Кафез“, во кој е вклучен Оперативен тим – Потраги кој презема низа оперативно-тактички мерки, со цел на пронаоѓање и лишување од слобода на лица кои се сторители на потешки кривични дела, за кои се предвидени повисоки казни затвор, лица кои повеќе години биле недостапни на органите на прогонот, како и лица кои избегале од КПУ – КПД на територија на Република Северна Македонија и лица предмет на потрага на ИНТЕРПОЛ. Оперативниот тим – Потраги лиши 72 лица за издржување на вкупна казна затвор од 178 години и 7 месеци и за доиздржување на преостанат дел од казната затвор во траење од 129 години и 5 месеци затвор. Споредбено со податоците од првите шест месеци од 2021 година, ефикасноста е зголемена за 101 отсто“, неведуваат од МВР.
Од останатите организациони единици во рамки на СВР Скопје се приведени 138 лица за издржување на вкупна казна затвор од 144 години и 2 месеца и за доиздржување на преостанатиот дел од казната затвор во траење од 98 години и 11 месеци.