Предлог-преговарачката рамка на француското претседателство, за деблокада на евроинтегративниот процес на Македонија со Европската Унија, е проследена во законодавниот дом на разгледување и носење на натамошни заклучоци согласно со процедурите. Таква одлука беше донесена во Владата, но седница сè уште не е закажана.
Активностите на граѓаните кои протестираа против францускиот предлог во изминатите шест дена, продолжуваат и денеска, меѓутоа со блокади низ државата во периодот од 13 до 14 часот во Скопје пред Владата, како и на магистралните патишта Велес – Штип, Струмица – Радовиш и Плетвар – Прилеп. Нов протест е најавен за в недела во 19 часот.
„Отворањето на преговорите за пристапување во ЕУ, без натамошно одлагање претставува еден од клучните исчекори во односите меѓу Република Северна Македонија и ЕУ, за реализирање на стратешката цел за полноправно членство во ЕУ“, нагласи Владата во Информацијата за содржината на предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори на Македонија со ЕУ.
Од Франција и нејзиниот претседател Емануел Макрон стигна порака оти сега е моментот за носење на одлука која ќе ја обликува иднината на земјава, согласно нејзината определба да биде целосно дел од европското семејство.
Според Макрон, Северна Македонија повторно се наоѓа пред клучен момент од својата историја.
„Седумнаесет години по добивањето кандидатски статус, штотуку се отвора историска можност – влегување во активна фаза на процесот за пристапување кон Европската Унија. Изборот е ваш“, порача вчера францускиот претседател Макрон, преку објава од француската амбасада во Скопје.
Францускиот претседател нагласува и дека моќта за менување на текот на историјата, отсега е во рацете на Македонците. За него, овој предлог не е совршен, но смета оти ќе ни го расчисти европскиот пат. Како и секој договор, како што посочи вчера тој во пораката, така и овој се заснова на компромиси и рамнотежа. Макрон уверува и дека овој договор не го доведува во прашање официјалното постоење на македонски јазик, кој е составен дел на нашиот идентитет.
Во овој договор, посочува Макрон, е наведен Договорот за пријателство со Бугарија од 2017 година и според него, истиот гарантира негово добро спроведување, во име на добрососедските односи, кои се темел на европските вредности. На крај, посочува, станува збор за ревизија на Уставот за да се интегрираат нови заедници во него.
„Вашата земја веќе претставува пример за соживот во Европа. Ќе треба да се изјасни македонското собрание. Конечно е дојдено време секој да дејствува, со целосна одговорност и процена на тежината и последиците од своите постапки“, нагласува францускиот претседател во пораката.
Макрон во вчерашната порака посочи дека земјава ја заслужи почитта од цела Европа.
„Вашето достоинство како македонски народ е стекнато: тоа никогаш нема да биде доведено во прашање. Уште еднаш, дојде време да се направи избор и ние сме на ваша страна да ве охрабриме да направите нов чекор“, порачува францускиот претседател.
И собранискиот спикер Талат Џафери истакна дека се наоѓаме пред уште една тешка одлука, односно, како што кажа, на нашиот пат на пристапување во Европската унија.
„Да бидеме мудри и сплотени, да изградиме официјален став по францускиот, сега веќе европски предлог“, рече Џафери повикувајќи на широк консултативен процес со сите чинители во државата, со опозицијата, граѓанскиот сектор, медиумите, експертската и севкупна јавност во земјата, и разгледување на истиот во Собранието.
Предлогот, според Џафери, е солидна основа за градење сериозен, одговорен и државнички став за оваа можност која се отвора за нашата земја и можеби, како што смета тој, никогаш повеќе за официјално отпочнување на преговарачкиот процес и одржување на првата меѓувладина конференција со Европската Унија.
Работната група на политичките партии за францускиот предлог не се договори за нова средба, по онаа од пред два дена на која ниту еден од партиските претставници не отстапи од своите ставови.
Пратеникот Антонио Милошоски, кој е претставник од ВМРО-ДПМНЕ, потврди дека нема договор за нова средба и наведе дека смисла за нова средба за опоизициската партија би имало кога Владата, односно државата, би упатила аргументирани забелешки за францускиот предлог.
„Ако ДУИ и СДСМ прифатат сите заедно како Влада, Собрание и држава да упатиме аргументирани забелешки за корекции на францускиот предлог, тогаш следна средба би имала смисла“, изјави Милошоски.
Во состав на оваа група се вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, пратениците Антонио Милошоски и Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ, координаторот на пратеничката група на ДУИ, Арбер Адеми, Елми Азири од Алијанса на Албанците и пратеникот Павле Трајанов, како претставник на ЛДП, ДОМ и ДС.
Францускиот предлог беше причина за протести под мотото „Ултиматум, НЕ – благодарам“ во изминатите шест дена пред Владата и пред Собранието. Синоќешните минаа мирно и без инциденти за разлика од претходните во кои беа повредени полицајци и приведени демонстранти.
На воздржаност од насилство на протестите повикаа и од американскиот Стејт департмент, а слични апели претходно упатија и од Министерството за внатрешни работи, владини функционери, како и лидерите на партиите, кои, пак, упатија и меѓусебни обвинувања за провокации.