Тајландски научници соопштија дека откриле нов облик на антитела против вирусот ебола и тврдат дека е поефикасен од постоечкиот, меѓутоа новиот лек треба да се тестира на животни и на луѓе, пренесуваат светските медиуми.
-Горди сме што создадовме антитела против ебола, изјавил Удо Качинтон, декан на медицински факултет во Бангкок.
Според истражувањето, новото антитело е доволно мало за да влезе во инфецираната клетка и да ги уништи протеините на еболата. Не е опасно за луѓето, бидејќи е создадено од човекови клетки и може да се репродуцира во големи количини.
Според научниците потребна ќе биде една година за да создадат експериментална вакцина, но тој период може да биде и пократок доколку се дојде до нови откритија и подобри услови.
Тајландско-кубанската фармацевтска компанија „Siam Bioscience“ во Тајланд покажа интерес за тестирањето. Моментално во светот постојат неколку експериментални лекови за ебола како „Zmappa“, кој е комбинација на три антитела, а компаниите „GlaxoSmithKline“ и „NewLink Genetic“ имаат намера до крајот на годинава да произведат нова вакцина.
Во последните шест месеци со вирусот на ебола се заразија околу 6.553 лица, додека во Либерија, Сиера Леоне и Гвинеја починаа околу 3.100 лица.