Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по повод празникот Курбан Бајрам, испрати честитка до сите граѓани од исламска вероисповед со која порачува дека само сплотени ќе успееме да создадеме подобра иднина.
„Во овие одлучувачки моменти во кои се наоѓа Македонија, потребно е да си подадеме рака за да ги надминеме предизвиците, да не се наседнува на смислените провокации кои внесуваат поделби на етничка или верска основа кои се само параван за остварување на некакви други лични интереси. Цврсто верувам дека таквите вештачки поделби се предавство на вредностите во кои што веруваме без разлика на етничка, врска или политичка припадност. Проблемите се исти, желбата за иднина е заедничка. Потребно е сите заедно да работиме за меѓусебно почитување, взаемна толеранција и разбирање, бидејќи само на тој начин можеме да успееме да изградиме држава во која сите ќе се чувствуваме слободни и рамноправни, наведува Мицкоски.
„Поради тоа Ве повикувам овој празник да го поминете во духот на споделување и помагањето на сите оние на кои им е потребна помош. Само сплотени, одлучни, мотивирани и храбри ќе успееме да создадеме подобра иднина и подобар животен стандард за нашите граѓани во Македонија, се наведува меѓу другото во честитката на претседателот на ВМРО ДПМНЕ.