Нови 97 милиони евра неповратни средства издвојува Европската Унија (ЕУ) преку ИПАРД 3 програмата. Тоа претставува зголемување за 62 отсто, споредено со ИПАРД 2 кога земјава доби на располагање 60 милиони евра, информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).
„Вкупниот инвестициски циклус во македонското земјоделство само со ИПАРД 3 програмата изнесува високи 210 милиони евра. Покрај овие 97 милиони евра неповратни средства од ЕУ, тука влегува и кофинансирањето од МЗШВ во висина од дополнителни 31 милион евра, како и 82 милиони евра инвестициски средства од страна на домашните корисници на оваа програма“, се наведува во соопштението од МЗШВ.
Поддршката која како земја ја добиваме од ЕУ, како што се наведува во соопштението, е значајна за развојот на македонското земјоделство.
„Набавка на нова опрема, изградба или проширување на производствените капацитети, поддршка за туризмот и руралниот развој се само дел од проектите кои се поддржуваат во рамки на ИПАРД програмата. Покрај развојот и модернизирањето на македонското земјоделство, поддршката која се добива од ИПАРД влијае во подобрувањето на економијата на државата и намалување на невработеноста преку отворање на нови работни места“, посочуваат од МЗШВ.