Со 68 гласа „за“ Собранието денеска ги изгласа предлог заклучоците за францускиот предлог поднесени од пратениците Јован Митревски од СДСМ и Арбр Адеми од ДУИ по распаравата за Информацијата за содржината на Предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори со Европската Унија, предложена од страна на француското Претседателство со Советот на ЕУ.
Никој не гласаше против заклучоците, но пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, и на Левица, кои бараа отфрлање на предлогот, ја напуштија салата пред да почне гласањето.
По усвојувањето на предлог-заклучоците, се слушна аплауз, а пратениците од владејачкото мнозинство ги развиорија знамињата на Македонија и на ЕУ .
Со овие заклучоци, пред чие усвојување имаше жестока расправа помеѓу пратениците од владејачкото мнозинство и опозицијата, и се даваат насоки на Владата за што може да преговара со Европската унија.
Со заклучоците се бара безусловно почитување на јазичните, идентитетските, културните и историските особености на македонскиот народ.
Владата се задолжува во преговарачката рамка да биде наведен македонскиот јазик, без какви било додавки и фусности, а во текот на преговоирите, Владата да не прифати да разговара за поинакво решение за македонскиот јазик од тоа наведено во преговарачката рамка.
(Љ.Б.)