Премиерот Димитар Ковачевски ќе ја предводи официјалната владина делегација во Брисел која утре, во Советот на Европската Унија (ЕУ), ќе учествува на првата меѓувладина конференција.
Како што соопштија од владината прес-служба, „оваа меѓувладина конференција е од историско значење за Северна Македонија“, бидејќи со неа се означува отпочнувањето на преговорите за полноправно членство на земјата во ЕУ.
Според агендата, за утрешниот ден е предвидено премиерот Ковачевски, заедно со премиерот на Албанија, Еди Рама да имаат средба со претседателката на Европската Комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен.
Во рамки на историската посета на Брисел, за утре е најавено и започнување на скринингот за Република Северна Македонија и работен ручек на премиерот Ковачевски со еврокомесарот за проширување и добрососедски политики Оливер Вархеји, на кој ќе присуствуваат и двете делегации. Како дел од официјалната владина делегација, во Брисел патуваат првиот вицепремиер Артан Груби, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, како и министрите за надворешни работи Бујар Османи, за внатрешни работи Оливер Спасовски, за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити и други високи претставници на Владата.