Се затвори едно поглавје и отвораме ново. Затоа, сега е времето кога треба да застанеме заедно, обединети, полни оптимизам и верба за подобро утре, за да можеме да ги здружиме силите и заеднички да се посветиме на развивање силна, успешна и просперитетна европска држава, напиша вечерва премиерот Димитар Ковачевски на Фејсбук по свечениот прием што го организираше во Клубот на пратеници по повод првата Меѓувладина конференција и отпочнување на процесот на преговори на Македонија за членство во Европската Унија (ЕУ).
Сега, потенцира тој, е време за храброст, посветеност и јасен поглед кон иднината за, како што вели, да можеме брзо и одлучно да го оствариме и сонот на нашата генерација, но и сонот на Илинденците и борците од НОБ.
„Да се обединиме и да застанеме заедно, бидејќи само заедно сме посилни“, пишува Ковачевски на Фејсбук.