Владина делегација, предводена од заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, денеска и утре во Тирана ќе има интензивни работни средби за детална координација, со цел заедничко справување со кризата со недостаток на храна и струја, како и за ризиците од пожари во текот на летото.
Освен вицепремиерот Битиќи, во владината делегација се и министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, заменик-министерот за финансии Филип Николоски, заменик-министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Абдулшуќур Абедини, националните координатори за „Отворен Балкан“, Марјан Забрчанец и за регионална соработка, Нола Исмајлоска, директорите на Центарот за управување со кризи (ЦУК) и на Дирекцијата за заштита и спасување, како и советниците и раководители на сектори.
„На средбата на работните групи ќе се дефинира и начинот на активирање на идентификацискиот број за граѓаните на „Отворен Балкан“, како и отстранување на работните дозволи“, информираат од Владата.