Министерството за одбрана на Русија работи на проект за создавање на неколку резервни армии кои се предлага да бидат формирани во најскоро време, пишува московскиот весник „Известија”, повикувајќи се на заменик-претседателот на парламентарната комисија за одбрана Франц Клинцевич.
Луѓето кои ќе бидат вклучени во состав на овие армии ќе продолжат да работат на различни позиции во своите претпријатија, а периодично ќе учествуваат во воените редови, исто така секој месец ќе добиваат и одредена сума на пари за тоа што се наоѓаат во оваа резервна армија, изјавил Клинцевич.
-Овие луѓе ќе бидат подготвени во секој момент да се појават во најблискиот пункт, да добијат оружје и да учествуваат во формирана единица која е однапред определена, прецизира пратеникот.
Според воениот набљудувач – полковникот Виктор Литовкин, ако почнат воени дејствија, „резервната армија нема да стане топовско месо и ќе се оспособи да извршува борбени задачи”.