Референдумско прашање со чиста формулација, без споменување на точки, договори и слично, кое би гласело „Дали сакате во ЕУ под вакви услови“?, предлага претседателот Стево Пендаровски во интервју за „Фокус“, во случај да се реализира иницијативата на опозицијата во врска со усвојувањето на модифицираниот француски предлог за деблокада на процесот за интегрирање на Македонија во Европската Унија (ЕУ).
„Колку што разбирам, прашањето нема да биде за уставните промени, туку ќе биде за билатералниот договор со Бугарија и зошто тој влегува внатре. Ако некој не разбира дека овој билатерален договор, а и со Грција, се оската по која ние продолжуваме кон Европа, и сака тоа да го нема, почесно е референдумското прашање да гласи: „Дали сакате да одите во ЕУ под вакви услови?“. Без споменување на договори, на точки… Опозицијата треба да излезе со чесна формулација и ако е такво прашањето, сите партии треба да излезат на референдум, а не да бојкотираат“, вели Пендаровски.
Доколку се излезе со чиста формулација, тогаш, вели Пендаровски, не треба да има бојкот и сите партии треба да излезат на референдумот. Во таква ситуација, тој ќе бара и менување на правилата, со цел референдумот да се смета за успешен ако позитивно се изјасниле мнозинство од оние што излегле да гласаат, без разлика дали на гласање излегле над 50 отсто од гласачите.