Реномирани болници од Бахреин и Оман бараат доктори специјалисти од Македонија. Ваков оглас осамна денеска на скопските клиники. Агенција за посредување им нуди плати на лекарите во висина од 4000 до 7000 евра. Се бараат лекари специјалисти од сите области, интернисти, ортопеди, неврохирурзи, радиолози, стоматолози.
Во огласот се вели дека болниците обезбедуваат одлични работни услови за работа и живот, здравствено осигурување, платен годишен одмор, работна виза, обезбедено најмодерно сместување, оброци, бонуси и разни други бенефиции, како и повратен авио билет. За работа во овие арапски држави за специјалисти гинеколози, интернисти, ортопеди, педијатри, нефролози, неврохирурзи, лекари од брза помош, се нуди месечна плата од 5000 до 7000 евра. За гастроентеролози и консултанти кои работат со лапароскопија месечна плата е од 6500 до 7000 евра, кардиолози од 5000 до 6000 евра, на лекари за интензивна нега и анестезиолози се нуди плата од 4000 до 4800 евра, за стоматолози од областа на ортодонција се нуди плата од 4000 до 5000 евра, а од ендодонција од 3000 до 4000 евра.
На огласот од потенцијалните кандидати се бара само да испратат CV на англиски јазик и една фотографија.
Иако, поголемиот дел од лекарите не беа запознаени со огласот, сепак неговата содржина предизвика интерес и медицинските лица кои поминуваа утринава покрај него, заинтересирано го читаа.
Само пред неполн месец Министерството за здравство на Македонија објави оглас за ангажирање лекари специјалисти од Србија.
Лекарите што ќе се пријават, ќе бидат ангажирани за работа во болниците во Скопје, Велес, Струмица, Охрид, Штип, како и во други градови. Сите српски медиуми ја објавија веста дека „Македонија вработува наши лекари“.
-Лекарите кои ќе бидат ангажирани потребно е да бидат специјалисти од било која специјалност во медицината со најмалку 10 годишно работно искуство во нивната област. Посебно се бараат специјалисти по офтамологија, анестезија и реанимација, гинекологија, неонатологија, васкуларна хирургија, ендикронолошка хирургија, гинеко-онколошка хирургија, ортопедија и урологија, се вели во огласот што го распиша македонското Министерство за здравство во Србија.
Министерството за здравство за нивната работа обезбедува сместување, ќе им биде исплатен соодветен надомест утврден со договорот на Министерството за текот на ангажманот, како и надомест за патни трошоци, се вели во огласот кој беше објавен во весникот Политика. За само две недели на огласот се јавиле 24 лекари од Србија.
Aнгажманот на странски лекари наиде на негативна реакција кај лекарската фела. Според дел од македонските специјалисти ова нема да ги реши проблемите во здравството и не е потребно да се бараат лекари однадвор, туку треба да се најде трајно решение кое ќе го спречи одливот на медицински кадри од Македонија.
Лекарите реагираат и на поволностите кои ги добиваат странските специјалисти за разлика од нивните плати кои се движат од 25 000 до 33 000 денари.
Според последните статистики во последните две години Македонија ја напуштиле 280 лекари. Најголем дел од нив заминале во Германија, а над 600 лекари во последните четири години побарале потврда од лекарската комора за да заминат во странство.