Македонија ѝ донира тенкови на Украина, потврдуваат од Министерството за одбрана и од македонската Армија. Станува збор за, како што велат, тенкови од третата генерација кои се некомптибилни и неконкурентни со оглед на развојот на технологијата.
Бројот на македонски тенкови кои ќе завршат на фронтовите во Украина не е објавен од МО. Но, од таму информираат дека во наредниот период требало да се пристапи кон изложување на трошоци за нивно уништување, што е, како што нагласуваат, апсолутно нецелисходно за Армијата
„Владата на Република Северна Македонија во неколку наврати, согласно донесените Одлуки, донираше воена опрема за Украина во согласност со нивните барања и потреби, а во координација со сојузниците. Република Северна Македонија, како кредибилна членка на НАТО, во линија со сојузниците и партнерите, почитувајќи го територијалниот интегритет, суверенитет и правото на самоодбрана на Украина, притоа строго осудувајќи ја агресијата на Русија на Украина, ги донесе овие Одлуки да упати помош на Министерството за одбрана на Украина, со одредена количина на материјални средства“, наведува МО.
Додаваат дека врз основа на извршените анализи, препораки и усвоени планови за опремување на Армијата, во наредниот период ќе се изврши трансформација, односно расформирање на тенковскиот баталјон што, потенцираат од МО, е во тек и ќе се пристапи кон воспоставување на модерни и современи противоклопни способности и капацитети во Армијата.
Од таму информираат дека со оглед на НАТО-одбранбено планирање, планот за модернизација и опремување на Армијата, во тек е проект „Набавка на лесни оклопни возила на тркала“, согласно договорот со американската Влада, кој е започнат во 2019 година со склучување на Договори помеѓу Владите на Република Северна Македонија и САД.