Антониа Гиговска се откажа од настап на т.н. „Мировен фестивал“, со тенденција да стане традиционален, по повод 21-годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор. Дваесет и едногодишната македонска поп пејачка беше најавена како една од домашните и странски музички ѕвезди кои ќе настапат на 13 август на плоштадот „Скендербег“.
Својата одлука ја сподели пред Фејсбук, а во дел од постот наведува дека не сака да биде дел од манифестации кои се поврзани со политика.
„За мене е одговорен менаџерски тим кој прифати ангажман за кој ниту јас, ниту тие знаеле дека има или би имало политичка конотација, па оттаму бев принудена да го откажам својот ангажман, се разбира со секоја почит кон организаторот и кон било која политичка страна. Јас не сакам да бидам дел од манифестации поврзани со политика, ниту некогаш ќе бидам. Мојата работа е да правам музика и на фановите да им го дадам најдоброто од мене“, наведе Гиговск во постот на нејзиниот официјален Фејсбук налог.