Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди дискриминација по основ на национална и етничка припадност за основањето на здружението Културен центар „Ванчо Михајлов“ – Битола, соопшти Весна Бендевска, членка на Комисијата на денешната прес-конференција.
„Ова се однесува на елементите кои предизвикуваат вознемирување врз национална, етничка основа, што е детално опишано во нашето мислење, во рок од 45 дена. Се препорачува здружението да ги отстрани содржините на својата Фејсбук страница кои предизвикуваат вознемирување во форма на давање и поттикување на инструкции за вознемирување поврзани со ликот, делото на личноста Иван Михајлов во најкус можен рок, но не подолг од 30 дена. Најважно е дека се препорачува Министерството за правда да изврши надзор над законитоста на примената на одредбите на Законот за здруженија и фондации“, истакна Бендевска,.
КСЗД утврди и индиректна дискриминација извршена од страна на Министерството за правда, поради пропуштање на извршување на своите законски надлежности, со коишто му овозможиле на Здружението да врши дејствија спротивни на Законот.
Комисијата постапи по овој случај по претставка поднесена од Сојузот на борците – ОО Битола од народноослободителната и антифашистичката војна на Македонија 1941-1945 година.
„Комисијата нема законски надлежности да затвора. Таа утврдува или не утврдува било каква форма на дискриминација. Во предметов утврдивме потешки форми на дискриминација од здружението во Битола. Комисијата утврди индиректна дискриминација од Министерството за правда, затоа што му овозможило со регистрацијата на ова здружение, да се вознемири поголема група граѓани. Комисијата е должна да предложи и препорача начин на отстранување“, нагласи Весна Бендевска на прес-конференцијата.