Јавните обвинители од Македонија денеска избираат нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на oрганизиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). 136 јавни обвинители гласаат за еден од четворицата кандидати Деса Пауновска и Ислам Абази, кои доаѓаат од Вишото обвинителство – Гостивар, Ермон Незири од скопското Обвинителство и претходно суспендираната шефица, Вилма Русковска.
Гласањето почна во 8 а ќе трае до 16 часот на гласачки места во четирите виши јавни обвинителства и во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. Право на глас имаат сите јавни обвинители во земјава.
Ова е прв ваков избор на шеф на ова важно обвинителство по измените на Законот за јавни обвинители, каде согласно член 66, шеф на обивнителството за гонење на организиран криминал и корупција се избира од страна на Советот на јавни обвинители по спроведено гласање од страна на сите јавни обвинители во земјава.
По денешното гласање Советот на Јавни обвинители во рок од седум дена треба да одржи седница на која ќе донесе одлука за именување на јавниот обвинител кој добил најмногу гласови од листата на пријавени кандидати. Мандатот е предвиден да трае четири години со право на повторен избор.
Рускоска во август годинава беше суспендирана. Предлогот за поведување дисциплинска постапка беше поднесен за утврдување одговорност за Рускоска и уште двајца јавни обвинители, за кои постоело сомнение дека направиле крупна професионална грешка и повреда на Законот за јавното обвинителство при вршењето претрес во Управата за финансиска полиција.